понеделник, 28 јули 2008

Слободни денови за правење деца

Деновиве се актуелни бенефициите кои се утврдија за мајките со трето или четврто дете.
Во потрага по искуства од другите земји, најатрактивна ми се виде бенефицијата на Москва која го воведува 12ти септември како "неработен ден за правење деца".

Кај нас, државата конечно ја аргументираше својата кампања за семејство, реализирана под слоганот "Имај трето дете".


Повеќето потенцијални мајки коментираа дека не планираат да имаат трето дете додека државата не им обезбеди бенефиции. Сега се знае дека секоја мајка што ќе најде работа на три или повеќе вакви мечиња, ќе добие бенефиции.

Еве ги бенефициите:
http://www.sobranie.mk/uploads/dokumenti/Predlog%20na%20Zakon%20izmeni%20i%20dpolnuvanje%20ZSZ%20juli%202008%20sob.doc

Мајката што ќе роди четврто дете, ќе има право на 50 отсто од просечната пензија и да нема доволно пензиски стаж по
навршување на 62 години, предвидуваат измените на Законот за социјалната заштита, усвоени во петокот попладне.
За раѓање второ дете државата ќе исплаќа 30 отсто од просечната плата во траење од девет месеци, а за трето дете - 50 отсто во траење од 10 години. Најмногу ќе добиваат мајките што ќе родат четврто дете - дури 70 отсто од просечната плата, и тоа во наредните 15 години.

четврток, 24 јули 2008

Го заебал новинарот...

Директорот на новата сала "Борис Трајковски" на препаметен начин одговорил на новинарско прашање "Зошто пред салата се вее знаме со сонцето од Вергина?"... да не речам, го заебал новинарот...

Директорот на ДООЕЛ "Борис Трајковски" Борис Змејковски вели дека знамето со сонцето од Вергина се вее пред салата исто како што пред еден автосалон се вее знамето кое е заштитен знак на автомобилите

Да не дознаев дека ваква е логиката уште ќе си мислев дека влечеме корени од Александар Македонски.

среда, 23 јули 2008

Радован

http://www.dragandabic.com/

понеделник, 21 јули 2008

Слободни умови во Грција?!

Грчкиот Елефтеротипија објавил мислење на извесен Пандио Ал. Ираклидис, професор по меѓународни односи на државниот универзитет кој тврди дека Грција треба да престане да ја “забива главата во песок“ и да тврди, дека славомакедонците не постојат.
Професоров се одважил да пренесе дел од своето мислење и при тоа се гледа дека внимавал, нарекувајќи не славомакедонци ... http://netpress.com.mk/vest.asp?id=35524&kategorija=1

Се прашувам, има ли слободни умови во Грција? Ако ги има, зошто не се гласни, зошто не соработуваат со слободните македонски умови? Дали можеби слободоумноста во Грција и Македонија е ретка појава, па шансите за среќавање и интеракција се минимални?
На ова ме тера да мислам и еден личен пример кога пред неколку години јас и моите пријатели се обидувавме да најдеме млади дебатери од Грција кои ќе дојдат кај нас и заедно ќе дискутираме за разликите околу нашето име.
Не успеавме, а луѓето кои ги контактиравме ни рекоа дека темата е премногу сензитивна, дека степенот на национализам кај нив е на високо ниво и дека треба да помине време ... Времето помина, ама во меѓувреме национализмот порасна и на двете страни ...

петок, 18 јули 2008

Медиумска субкултура - МТВ и Мирка втори по гледаност!

Вчера, 17 јули, во полноќните часови на МТВ повторно се расприкажаа новинарката Мирка и шоументот Слободан Томиќ, во емисијата "Гласот на народот". Познавајќи ги какви се и двајцата, веројатно сте уверени дека тоа е само една невредна емисија која никој не ја гледа и е последниот прозивод кој МТВ го емитува во етер пред официјално да се самораспуштат.

Но, само што дознав дека токму Гласот на народот, во моментот на нејзино емитување во живо, била втора по гледаност од сите национални телевизии. Или поточно, во 24:30 часот 75000 граѓани не спиеле и гледале МТВ.
Каква ли свест се гради кај нашиот народ ако 75000 граѓани гледале како Томиќ ја с`ска Мирка да плука по се што не е Груевски, како Мирка нас`скана држи мионолози и како едвај се вклучуваат 3 гледачи.

А емисијава демек дозволувала да се слуша Гласот на народот. Тешко нас ако Мирка е нашиот глас.

А за содржината на муабетот срам ми е да пишувам... најчесто употребуваните фрази беа: политички банди, шпиони, неспособни, јадачи на алва, дилетанти, странци кои не разбираат ништо ...
Требаше да го чуете последниот гледач кој на гостинката и се обрати со зборовите: "Огромен поздрав до нашата златна новинарка која ете, успева да ни ги отвори очите"... за на крај Томиќ да се одјави со следнава изјава:
"Не сакам да звучам како Кенеди, но размислете и пред да ја прашувате власта прашајте се себеси што сте направиле за сопственото семејство..."

Ајде да го опишам и студиото: На стол седи чудна, дебелка црна жена, што личи на маж. Позади незе сив ѕид со дупки, а десно од неа ЛЦД плазма со некакви транс-визуелизации. Под плазамата се гледа штекерот каде е приклучена...

Што планира МТВ? Што планира Министерството за транспорт и врски со МТВ? Јавниот сервис, кој по природа на нештата е провладин, овој пат си дозволува да гази се што не е владино и при тоа како алатки и авторитети ги користи преплашениот Томиќ и излитената Мирка. А тој, Томиќ, толку се труди да биде допадлив на власта, што делува како да му се заканиле со бесилка ако не го прави тоа ...

четврток, 17 јули 2008

Добредојдов...


Си посакувам добредојде во blogspot платформата... Пробав да си креирам блог на blog.com.mk, но порталот има некој интерен проблем... Ако брзо не си го решат, сигурен сум дека ќе има се повеќе како мене ...

Ова е тест-пост со цел да се најавам и да ги најавам содржините кои ќе бидат објавени на овој блог. Имено, на блогот ќе следат информации и дискусии за: граѓанскиот концепт, критичкото размислување, отворените умови, државните интереси, комуникациите, односите со јавност и секако, големата слика ...